петок, 29 септември, 2023

Заев и Мицкоски со иста реченица кажаа како поминала средбата кај Пендаровски

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите пред Вила Водно даде кратка изјава.

Тој најпрво кажа дека преку соопштение претседателот Стево Пендаровски ќе каже што се било разговарано и договорено на средбата.

-Нема договор, – кратко порача меѓудругото Заев и додаде дека до утре можеби една од страните ќе се предомисли и ќе има заеднички став.

Набрзо потоа изјава даде и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој исто така кажа дека во интерес на целата ситуација, донесен е заеднички заклучок претседателот да информира преку соопштение.

-До овој момент се уште нема договор, – беше краткиот одговор на Мицкоски.

Како поминала средбата, официјално ќе соопштат од Кабинетот на претседателот. Се очекува за 15 минути да се објави соопштението, сè уште се усогласуваат позициите.

Неофицијално, оставена е можност за уште една средба во овој формат во текот на следната недела.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, како и евроамбасадорот Самуел Жбогар очекуваат од двајцата лидери да се договорат околу датумот, бидејќи сметаат дека на државата ѝ се потребни функционални институции.

„Важно е во земјата да се одржат избори. На Северна Македонија ѝ се потребни избрани и потполно функционални институции – Влада и Собрание – за да се справуваат со многуте итни предизвици кои ќе имаат долгорочен ефект врз иднината на земјата, вклучувајќи го одговорот на кризата со ковид-19, како и подготовките за пристапните преговори со ЕУ. Што се однесува до датумот за овие избори, тој треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата“, рече Брнз.

Коментари

коментари