недела, 28 февруари, 2021

И јас сакам да гласам – отворете ги границите да си се вратам дома

Во исчекување на тоа дали Мицкоски и Заев се договориле за избори и дали опозицискиот лидер кој велеше дека здравјето на граѓаните му е пред се, а не изборите, јас уште сега да си ви кажам:

И ние што живееме во странство во поголемиот дел од годината имаме право да одлучуваме кој ќе ни ја води државата. Не дека кај нас има некоја огромна разлика, но сепак добро е да се нагласи моментот дека и јас би сакал да доживеам корона-избори. И јас би сакал да излезам и храбро да го заокружам човекот односно партијата која сакам да ја формира идната Влада на државата.

Таман помислив дека опозицијата се опаметила, ќе може да понуди на граѓаните нешто различно од политиката на поранешниот лидер на ДПМНЕ Никола Груевски, кога гледам, овој неговиов наследник денес седнал на маса и договара изборен датум. Па нели здравјето ви беше пред се? Тогаш чуму преговарате? Или и овој пат некој ви кажа дека сепак треба да седнете на масата, исто како што ви кажа дека не треба да го бојкотирате процесот за името.

Капа долу за глумата ваша, но граѓаните веќе не гледаат преку розевите очила кои еден новинар им ги даваше во годините на владеење на Никола. Затоа, за да расчистиме со Вас, отворете ни ги границите, да си се вратиме дома, да си гласаме и да си го оствариме нашето право на глас.

Ние исто така имаме право на глас колку сите вас кои живеете долу во Македонија. Летото доаѓаме, трошиме парички дома, во кафеани, ресторани, дискотеки, по одмори во Охрид, Дојран, при посети на Скопје. Некои од нас имаат и бизниси таму. Имаат вработени, даваат плати, плаќаат данок.

Затоа другари, час поскоро, отварање на границите за да си се вратиме дома, да си поседиме на домашна територија, да си се видиме со семејство, пријатели, роднини, да си гласаме како секој еден граѓанин на нашата држава а потоа заедно да чекориме кон Европа. Сите оние кои долу во Македонија се антиевропски настроени први трчаат да дојдат ваму во Италија, Германија, Шведска, Данска, и многу други европски држави. Никој, ама баш никој не замина да живее и работи во омилената им држава Русија!

П.С: Ако не не пуштате со македонски, ќе си влеземе дома со европски пасош!

Преземено од Фејсбук – статус на Катерина П. Христова.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!