Фото: Илустрација

Скопјанка раскажа како е кога си „позитивна“: Едно нешто најмногу боли

Јас сум позитивна на ковид-19 и во моментов сум во домашна изолација. Внимавајте добро како се однесувате, бидејќи и јас мислев дека е тоа нешто што е далеку од мене, но еве, не било воопшто така.

Вака ја започнува својата приказна С.Б. од Скопје, која е позитивна на коронавирусот. Таа побара да не го објавуваме нејзиното име и презиме од објективни причини. Станува збор за ведра и позитивна девојка, која за „Мета“ раскажа низ што поминува потенцирајќи дека не ни помислувала дека ова може нејзе да ѝ се случи.

Сепак, нештата почнале да се менуваат кога пред извесно време ги загубила чувствата за мирис и за вкус. Таа се заразила при патување до работното место. Некој од колегите исто така бил позитивен на вирусот.

„Не се ни сомневав дека нешто не е во ред. Последното нешто што би ми паднало на памет е дека може токму јас да имам корона вирус. Ние пред да појдеме на работа, пред околу еден месец, сите направивме тестови и бевме негативни. Но, пред неколку дена колегата најпрво почувствува малаксаност додека бевме на работа“, вели таа.

Фото: Илустрација

Додава дека сите колеги за кои подоцна се утврдило дека се позитивни ги имале истите симптоми, кои главно се лесни, без температура, блага малаксаност и нарушено чувство за мирис и вкус.

„Кога дознав не бев исплашена, некако знаев дека ете, сме биле во контакт и очекував, а и ги имав симптомите. Но, моите родители кога дознаа, не им беше сеедно“, вели таа.

Додава дека и пред вирусот имала чувствителен респираторен систем. Минатата година правела испитувања, рентген на белите дробови, а зимава имала проблеми и со грлото. Токму заради тоа била исплашена за своето здравје уште со појавата на првиот случај на коронавирус кај нас.

„Комуницирам со мојата матична докторка. Терапија не пијам бидејќи е проценето дека нема потреба од тоа. Цело време земам витамин Ц од 1.000 мг и витамин Б 12, но тоа го земав и претходно. Препораките се да јадам многу зеленчук и овошје и да пијам течности, тоа и го правам“, раскажува девојката од Скопје која е позитивна на коронавирусот.

Самоизолацијата колку и да е тешка, вели таа, си има свои позитивни страни.

„Престојувам во мојата соба, меѓу четири ѕидови. Го користам само тоалетот. Имам постојано медицински алкохол и влажни марамчиња, го дезинфицирам редовно тоалетот. За кваки на вратите дома не се фаќам, со лактите ги отворам вратите. Храна ми носат моите до пред врата, за сè што ми треба комуницираме телефонски. Имам и баба дома која е хроничен пациент, со мозочен удар и со срцева слабост, па внимавам многу и заради неа. Taa си е во своја соба, на друга страна од куќата. Нема излегување никаде, телефонски и на Интернет комуницирам со блиските и со пријателите“, вели пациентката која сакаше да остане анонимна.

Фото: Илустрација

Пред ширењето на епидемијата со корона вирусот, одела на курс по шпански јазик, па времето во самоизолација го користи токму на тоа, да го усоврши јазикот.

„Гледам Нетфликс, вежбам, читам. Со другарките комуницирам на месинџер, на вибер. Дружењето ми недостасува, но јас сум човек кој сака да биде сам со себе, така што не ми паѓа толку тешко тоа. Изолацијава добро ќе ми дојде со работите што ги имам запоставено. Ќе биде ова добар рестарт“, низ смеа додава таа.

На почетокот самата помисла дека подолг период ќе треба да биде затворена во својата соба ѝ предизвикало паника. Но, наоѓа начини да си го исполни времето.

Таа апелира луѓето да внимаваат како се однесуваат и да бидат дисциплинирани бидејќи вирусот може за многумина да биде фатален.

„Верувајте, буквално секој може да се разболи. Тоа е вирус, никој не е поштеден. Јас имам лесни симптоми за среќа, но јас сум практично темпирана бомба за моите блиски и за околината. Не можете да знаете кој е носител на вирусот“, потенцира девојката од Скопје. Додава дека со симптомите кои ги имала немало ни да помисли да се тестира.

„Но, верувам дека има многу луѓе како мене, како и такви кои несвесно можеби го сејат вирусот. Затоа носете маски, чувајте се и слушајте ги препораките на оние кои си ја знаат работата. Ние сме таков народ, си велиме „ајде, ништо не ми е“ или „од времето ми е вака“ или „ќе помине“. Но, на крајот може да излезе тоа што го имате да е опасно за вас или за некој во вашата околина и токму затоа мора да сме многу одговорни“, советува С.Б.

Целата вест и други интересни содржини на МЕТА.мк

Коментари

коментари

error: Content is protected !!