Започна парадата на дефолти ширум светот

Пишува: Дарко Тодоровски

Идеалната светска финансиска и економска бура веќе започна да го зема својот данок. Светот никогаш порано во својата историја не се соочил со ваква идеална бура, која што го тресе светскиот финансиски систем и светската економија од темел. Светската економија е во длабока рецесија, светската трговија е во слободен пад, и на повидок се редица дефолти на голем број држави, банкарски кризи, социјални протести и немири, милиони затворени бизниси и стотици милиони невработени ширум светот. Цената на нафтата на светските берзи како и нејзината побарувачка се на историски најниско ниво, а нафтата е моторот на светската економија, крвта на светскиот организам.

Во светот на финансиите се појави информација за деветиот дефолт на Аргентина за целото време на нејзиното постоење. Се очекува Аргентина во скоро време да прогласи дефолт и дека не е способна да ги подмирува и извршува обврските кон кредиторите на меѓународен и на домашен план. Тоа ќе биде четвртиот суверен дефолт во низа, после дефолтите на Еквадор, Либан и Венецуела. Следни во низата држави кои што се очекува да прогласат дефолт се Ангола, Замбија и Бахраин. Најмногу погодени ќе бидат државите и регионите во развој и државите од третиот свет ширум светот. Кризата најмногу ќе се почуствува во Африка, на Близкиот Исток и Централна Азија, како и во Латинска Америка.

Држави кои што исто така се изложени на ризик се и навидум надворешно просперитетните Турција, Пакистан, Египет, Јужна Арфика, Грција и Украина. Тоа се држави кои што имаат или практично немаат резерви во злато или конвертибилни валути, имаат голем буџетски дефицит, нестабилен банкарски сектор, и се изложени на социјални немири. Тие држави на крајот нема да бидат кредитно способни да ги извршуваат и сервисираат своите обврски и долгови кон меѓународните и домашните кредитори.

Започнаа и дефолтите на големите корпорации. Hertz е услуга за изнајмување автомобили која поседува 568 илјади автомобили и 5 илјади точки за изнајмување на автомобили. Компанијата има стогодишна историја, таа дури и ја преживеа Големата депресија во 1929-1933 година и светската финансиска криза во 2008 година, и веќе стана првата жртва на идеалната светска бура, но не и нејзина последна жртва. Претходно, меѓународната агенција за рангирање S&P Global, исто така, предвидува зголемување на корпоративните дефолти во САД и Европа за 10% до 15% оваа година. Загубата на кредитната способност ќе биде предизвикана од пад на протокот на готовина, построги услови за финансирање и колапс на цената на нафтата. Аналитичарите најтешок период го сметаат вториот квартал на 2020 година, кога бизнисот ќе започне целосно да ги чувствува последиците од финансиската криза, падот на светската трговија, на светската економија и од падот на цените на нафтата на светските берзи.

Големите производители на автомобили, исто така, го запираат производството насекаде низ светот, што исто така носи ризици што резултираат во низа неисполнети обврски. Продажбата на автомобили ширум светот падна за околу 70 до 80% во однос на минатата година во периодот на вкупната забрана за движење како резултат на мерките за карантин ширум светот. Повеќето производители во Европа веќе го прекинаа производството. Ќе поминат неколку месеци за автомобилската индустрија да почне полека да закрепнува, а тоа може да резултира во намалување на персоналот. На крајот на краиштата, дел од изгубената продажба никогаш нема да закрепне.

НР Кина веќе започна да капитализира голем број регионални банки. Следната линија во светот е национализацијата на авионските компании низ целиот свет и на туристичкиот сектор. Можна е национализација и на некои стратешки важни сектори и големи компании и корпорации во светот за истите да се спасат од пропаѓање. На хоризонтот се надвиснува и можната банкарска криза, најверојатно во Италија и Шпанија. Во светот ќе бидат докапитализирани голем број на важни банки, а можно е некои да бидат и национализирани.

Кризата е на самиот почеток. Некои експерти и финансиски аналитичари веруваат дека Западот ќе може да ја преживее идеалната економска бура благодарение на печатените машини и печатењето на пари во Вашингтон и Франкфурт од страна Федералните резерви на САД и на Централната Европска Банка. Русија и Кина, благодарение на значителните резерви ќе успеат да се справат и да ја надминат економската криза, но земјите во развој и државите од третиот свет ќе го почуствуваат целосниот товар на економската криза.

Кои ќе бидат последиците за светот? 10-15 земји во Латинска Америка, Африка и Азија ќе прогласат дефолти во периодот 2020-2021 година. Економскиот раст веројатно ќе забави во 2021 година, и на светската економија ќе и бидат потребни години за да се врати на нивото од 2019 година. Се проценува дека околу 350 милиони луѓе ќе останат без работа, и дека 900 милиони луѓе во светот на директен или индиректен начин ќе паднат во сиромаштија, од кои 60 милиони ќе паднат во екстремна сиромаштија и ќе живеат со помалку од 1,9 долари дневно.

Големите транснационалните компании кои што ќе успеат да ја пребродат кризата веројатно ќе го зајакнат своето присуство во земјите во развој, кои ќе станат послаби како резултат на кризата. Во зоната на доларот ќе се појават негативни стапки, инфлацијата ширум светот ќе се зголеми. Само недвижните средства ќе ја вратат својата вредност: акциите, недвижностите, криптовалутите, златото ќе бидат надежен фактор и перница, која ќе стане засолниште за време на претстојната финансиска бура. Време е да ги врземе каишите, следува жестоко приземјување на светската економија и трговија.

Коментари

коментари