среда, 30 септември, 2020

Македонец женет во Србија: Отворете ги границите, сакам синот да ги види баба и дедо

Долго време размислував дали воопшто ќе вреди да коментирам, да напишам и некој само немо да прочита, а потоа да премине на друг текст. Се мислев, но потоа одлучив – ако ништо друго, барем маката на душата ќе се намали, едноставно ќе си кажам се што ми лежи на срцето.

Јас сум Игор од Кратово, имам само 25 години, а среќата сакаше во време на карантин да го добијам и својот прв син со мојата сакана сопруга Јелена, која е од Лесковац, каде живееме веќе две години. Заедно со нејзините родители.

Јелена ја запознав во Америка, кога преку лето работиме во далечните држави, едноставно уште на почетокот нашите карактери се споија, се гледаше дека тоа ќе биде љубов на долг период, барем така изгледаше тогаш, верувајте се уште го чувствувам истото.

Одлучивме да се венчаме и да живееме во Србија. За почеток кај нејзините, во станот каде нема многу простор, но за почеток нема да плаќаме кирија. Тогаш нашиот син Милош се уште не беше во план.

И јас и Јелена работиме, а потоа дознавме среќна вест, ќе добиеме син. Милош се роди на 17-ти мај оваа година. За време на карантин. Во станот требаше да бидеме пет луѓе, но поради корона вирусот и затворањето на угостителски објекти, од Белград во Лесковац се вратија и братот и сестрата на Јелена, поради што моментално во станот нема простор каде да седиме, а не пак мирно да спиеме.

Едноставно премногу луѓе се наоѓаме во еден стан. Тоа станува неподнесливо. Луѓето се фини, ама во мал стан – не би посакал никој така да мора да живее и да се снаоѓа, едноставно не е хумано.

Сакав да се вратиме назад во Македонија, во моето Кратово каде имам голема куќа, едниот спрат од неа ќе биде само за мене, Јелена и нашиот Милош. Моите родители ќе останат на долниот спрат, воопшто и нема да се гледаме, во случај да биде потреба самоизолација.

Но, јас се распрашав кај мои познаници кои работат на гранични премини, тие ми рекоа дека во случај да заминам на српско-македонската граница, веднаш ќе бидам испратен во државен карантин, во кој ќе отидат и Јелена и нашето дете кое има само 10 денови, само 10 денови и веќе во државен карантин од 14, а можеби и 21 ден?!

Едноставно не знам што да правам повеќе. Во Лесковац живееме 7 луѓе во мал стан. Во Кратово имам голема празна куќа, која чека да дојдеме. Но, нема начин.

Затоа ве молам ГОСПОДА, отворете ги ГРАНИЦИТЕ, отворете ги овие проклети граници и дозволете му на мојот син да ги види баба и дедо, да го види убавото Кратово и нашата Македонија. Доста не држите затворени, ова не се издржува!

Коментари

коментари

error: Content is protected !!