Одлуката ја донел сопругот на Емилија, тие имаат две деца, 23 и 18 години

Анго Ангов, градоначалникот на општина Дојран во изјава за порталот „Фокус“ зборуваше за својата сограѓанка Емилија, чие што семејство одлучи да ги донира нејзините органи, кои спасија други три човечки животи.

Анго открива дека тие биле негови соседи.

-Емилија е родена во Јосифово, долги години со сопругот живее во Стар Дојран, мои соседи се и луѓе кои ги почитувам. Во понеделникот се случи несреќата, која за жал заврши кобно. Таа беше во кома изминатите денови, не преостануваше ништо друго… Одлуката да се донираат нејзините органи ја донесе целото семејство, сопругот на Емилија, нејзината ќерка која има 23 години и синот кој има 18 години. Нема зборови со кои може да се опише нивната големина. Оставија траг во нашето здравство, во нашата медицинска историја – емотивно раскажува Ангов за Фокус.

Тагата е присутна, вели Ангов, но открива дека цел град е горд на овој потег.

-Уште е рано да се зборува, но секако дека во план ни е Емилија да добие постхумно признание од нашата Општина, да се остави белег на ова што се случи. Да се следи примерот на семејството Диневи, да се подигне свеста за донирањето на органи. Во едно семејство денес има тага, други три семејства започнуваат нов живот. Засекогаш ќе бидат споени во својата болка, но и благодарност. Тешки се овие моменти за сите. Во постојан контакт сум и со министерот за здравство Венко Филипче, ќе сториме се што можеме да му помогнеме на семејството во овие тешки моменти, но и да се запомни големината на сите овие луѓе- порача градоначалникот Ангов, пренесува ФОКУС.мк

Министерот за здравство, Венко Филипче беше во посета на пациентот на кој синоќа му беше трансплантирано срце. Оваа процедура е изведена за првпат во нашата земја. Честитки и благодарност до целиот тим!

Коментари

коментари