Рубикон е поминат, за Кина и САД нема враќање назад

Пишува: Дарко Тодоровски

Мајк Помпео, државниот секретар на САД изјави дека КОВИД-19 е вештачки создаден во воената лабораторија во Вухан. Изјави и дека САД „поседуваат докази“ но одби да ги сподели со јавноста. Претходно и претседателот Трамп изјави дека вирусот е создаден вештачки, но не представи никакви докази. Пред неколку дена шефот на ЦИА изјави дека КОВИД-19 е природен вирус, и дека не е создаден од човечка рака.

Повеќе од јасно е дека КОВИД-19 се претвора во клучен елемент на американско-кинеските односи. Во последно време САД директно ја обвинува НР Кина за пандемијата, за скривање на информации и податоци, кои што овозможија пандемијата да се прошири низ целиот свет. НР Кина одговара дека била транспарентна уште од самиот старт и дека доставувала информации и податоци до Светската здравствена организација. Но тоа повеќе и не е важно, судирот помеѓу САД и НР Кина е неизбежен, а КОВИД-19 само го забрза.

Судирот на двата тигра

Мао Цетунг, основачот на НР Кина, ја формулираше надворешната политика на НР Кина како: „мудриот мајмун седи на планината и гледа како два тигра се борат во долината“. Оваа изјава го означува неговото кредо во надворешната политика. Во втората половина на 20-тиот век НР Кина беше мудриот мајмун кој што ја набљудуваше борбата помеѓу САД и СССР. Успешно маневрираше и го коректираше својот надворешно-политички курс во зависност од балансот на силите на теренот и од конкретните интереси за НР Кина. Но во 21-виот век, НР Кина се најде во улогата на тигар, и и следи борба со другиот тигар, САД, за превласт и контрола над долината. И советот на мудриот Денг Ксиао Пинг, наследникот на Мао Цетунг и човек кој што ја отвори НР Кина кон светот, не е актуелен денес. Неговиот совет „хладнокрво набљудувај, обидувај се секогаш да останеш во сенка и не се покажувај“ не е релевантен денес за претседателот на НР Кина Кси Џинпинг кој што има цел да ја претвори НР Кина во светски лидер.

Американско-кинеските противречности, кои се акумулираат со децении, се претвораат пред наши очи во целосна конфронтација, вклучувајќи економски, технолошки, геополитички, воени, па дури и идеолошки димензии.

Конфротацијата помеѓу САД и НР Кина станува се посилна и подлабока и веќе е невозможно да се спречи нејзината инерција на движење. Нападите и обвинувањата од страна на САД веќе добија идеологиска боја.

Главен драјвер за конфротацијата се претстојните претседателски избори во САД. Во САД на дневен ред се прашањата за санкции и казна во однос на НР Кина поради КОВИД-19. Републиканците ја зедоа играта и палката во свои раце. Републиканскиот сенатор од Тексас, Теди Круз го покрена првиот законопроект за санкции против НР Кина – Ending Medical Censorship and Cover Ups in China Act of 2020. Но од правен аспект, овој закон како и другите кои што се покренуваат ширум светот имаат маглива перпектива.

Донесувањето на законот ќе ја отвори Пандорината кутија помеѓу САД и НР Кина. Демократите исто се вкличија во анти-кинеската риторика. Реториката против НР Кина е од страна и на двете партии и во наредниот период истата ќе се зголемува.

Големата игра на шаховската табла

Пандемијата на КОВИД-19 е катализатор за влошувањето на односите помеѓу САД и НР Кина. Светот се движи во насока на нова биполарност, иако малку слична на советско-американската биполарност од втората половина на минатиот век. Двата тигра се решително настроени, ниту еден нема да се откаже, не се гледа никаков „голем договор“ меѓу Пекинг и Вашингтон. И иако привремените примирје и тактичките договори меѓу противниците се сосема можни, тешко е да се прогнозира кога ќе заврши битката за превласт во долината.

НР Кина ќе излезе од епидемијата посилна и економски по подготвена, и ќе биде самуверена во себе. Од друга страна, САД имаат ас во ракавот, тоа се меѓународните институти кои што се креирани и се под контрола на САД. САД, за разлика од НР Кина, има создадено и голем број на воени сојузи ширум светот, и има воени бази ширум светот, преку кои што може да ја проектира својата воена и политичка сила и моќ. САД уште од 2014 година работи на креирање на воен сојуз против НР Кина, во кој што треба да влезат Јапонија, Австралија, Индија и Виетнам. Но Индија и Виетнам се противат на тоа, бидејќи тие први ќе бидат на удар од страна на НР Кина и ќе ја почувствуваат воената моќ на НР Кина.

НР Кина од друга страна гради воени бази во Индо-Пацификот, како и воен сојуз, во кој би влегле, Пакистан, Лаос, Мјанмар, Шри Ланка и Малезија.

Покрај со трговска и технолошка војна, светот во скоро време ќе биде сведок на финансиска, економска и воена конфротација помеѓу САД и НР Кина и нивните сојузници и сателити. Најверојатно ќе биде раскинат големиот трговски договор кој што САД и НР Кина го склучија во 2019 година. НР Кина ќе направи се што е во нејзина моќ да го оневозможи реизборот на Доналд Трамп на изборите во ноември. Политичкото и военото раководство на НР Кина смета дека полесно ќе се справи и договори со Џо Бајден, отколку со Доналд Трамп.

И САД и НР Кина работат на формирање на сојузи ширум светот пред престојниот судир. Голем број на држави во близка иднина ќе бидат приморани да направат избор.

Главниот театар на судирот ќе биде трговската и технолошката војна, како и војната за срцата и умовите на граѓаните ширум светот. Освен тоа, Индо-Пацификот ќе биде главниот регион каде што ќе се судрат САД и НР Кина на воен план. САД врши редислокација на својата воена моќ кон границите на НР Кина, и предвидено е во тој регион САД да имаат постојано 5 ударни групи предводени од носачи на авиони, додека пак НР Кина забрзано гради океанска воена флота, која што веќе во 2025 година ќе може да и фрли ракавица на САД во Индо-Пацификот.

Коментари

коментари