Владата најави и тужби, по информациите поврзани со први мај и владинцата седница

Владата попладнево излезе со демант дека имало жестока расправија околу полицискиот час за првомајските празници.

„Ја информираме јавноста дека Владата денеска не одржува седница ниту таква седница е закажана за денеска ниту, пак, имало каква било ’жестока расправа’ ниту постои каков било план за дополнително заострување на мерките“, велат од Владата.

Оттаму најавуваат дека ќе продолжат со мерките воведени пред неколку дена, односно пократок полициски час, но со задолжителното носење заштитна опрема на лицето, држењето дистанца и забраната за групирање. Мерките за 1 Мај, најавуваат, ќе бидат донесени на првата наредна владина седница.

Ваквата реакција Владата ја објави откако дел од порталите осамнаа текстови со наслови дека имало жестока расправија, а министерот за внатрешни работи Наќе Чулев остро се спротивставил да има карантин за 1 Мај.

Владата побара од сите портали и медиуми кои ја објавиле дезинформацијата да ги повлечат, како што велат, лажните вести и да го објават овој демант.

За мерките за првомајските празници на Фејсбук се огласи и министерот Чулев. Тој посочува дека неговиот став е дека не треба да има порестриктивни мерки, како и дека тоа го кажал на седница на Координативниот штаб во Владата, но не посочува дека имало некаква расправа.

„На денешната седница на Координативниот штаб во Владата уште еднаш го афирмирав мојот став дека неопходно е одлуките кои ќе се донесат да не бидат во насока на заострување на мерките за движење.

Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните“, напиша Чулев.

Коментари

коментари