четврток, 22 октомври, 2020

Сите пациенти од Куманово одат во Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција од неговиот дом кажа дека со оглед на тоа што бројот на вработени во болницата во Куманово е намален поради што голем дел од нив се во самоизолација, сите хоспитализирани од оваа болница се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.

„Се работи за седум хоспитализирани пациенти, а понатаму инфективното одделение во Куманово ќе функционира на тој систем што таму ќе се прави тријажа и проценка на здравствената состојба и во координација со министерството и директорката на Инфективната клиника и директорот на болницата 8 Септември, ќе се прави проценка дали дел од пациентите ќе бидат упатувани во Скопје или ќе останат да се лекуваат во Куманово“, рече Филипче.

Тројца починати и 36 новозаболени од КОВИД – 19

Во последните 24 часа, две жени и еден маж ја загубија битката со вирусот. На Инфективната клиника, починаа 85-годишна пациентка од Куманово и 77-годишна пациентка од Крушево. Третата жртва во денешната евиденција е маж од Лабуништа позитивен на корона кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори – неговиот матичен лекар информирал дека починал пред три дена. Со нив, вкупниот број на починати е 49.

Потврдени се 36 новозаболени. И денеска, најмногу се од Скопје – 22-ца, четворица се од Куманово, по тројца од Прилеп, Струга и Велес и еден е од Битола. Со тоа, бројот на дијагностицирани е илјада 117, а најмногу случаи има во Скопје – 389, во Куманово – 310 и во Прилеп – 103. Во последното деноноќие излечени се 18, а вкупно 139.

Направени се 437 нови тестирања. Со нив, вкупниот број стана над 10 илјади 800. На Инфективната клиника и во Градската болница „8 септември“ се примени 12 нови пациенти. Хоспирализирани се околу 90 лица, од кои четириесетина се со потешка слика и добиваат респраторна или кислородна поддршка. Во Битолската болница се лекуваат 8 пациенти а во Штипската 8.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!