Илон Маск се понуди да произведува респиратори

Илон Маск, сопственик на технолошката компанија Тесла, понуди да произведат респиратори за болните од коронавирус, откако САД апелираа на донации на вакви уреди заради недостаток.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера објави дека е во преговори со Кина и други земји за поголемо снабдување со здравствена опрема, а „Џенерал моторс“ и „Форд“ открија дека се во преговори со претставници на Белата куќа.

„Ќе произведуваме респиратори ако има недостаток“, објави Маск на Твитер, одговарајќи на предлог на следбеник да ја преименува фабриката за оваа намена.

Неговата објава набрзина доби стотици одговори кои го повикуваат да почне со производство.

„Ако поради некоја причина не верувате дека станува збор за недостаток, според сите проценки тоа наскоро ќе се случи“, му одговори еден од неговите следбеници на твитер.

„Те молам помогни“, додаде тој.

Владата на американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот ги повика градежните компании да донираат маски за болниците и здравствените работници кои се во првите редови на борбата против вирусот, заради недостиг во целата држава.

Вчера Тесла се согласи да го намали бројот на работници во својата фабрика во Калифорнија за да се спречи ширењето на вирусот. Фабриката во Фремонт вработува 10.000 работници.

Маск не е првиот шеф на корпорацијата што му понуди помош на Трамп преку Твитер. Основачот на SoftBank, Масајоши Сон, понуди милион бесплатни тестови за коронавирус.

Коментари

коментари