ОФИЦИЈАЛНО: Регистриран првиот случај на корона вирус во Македонија

ОФИЦИЈАЛНО: Регистриран првиот случај на корона вирус во Македонија

Регистриран е првиот случај на заразен со коронавирус на Клиниката за инфективни болести во Скопје, потврдија од Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно денеска кажа дека утрово се пријавиле тројца пациенти со симптоми на грип, а кај двајца тестот за коронавирус е негативен. Кај третиот бил позитивен.

Од Министерството за здравство апелираат да не се создава паника и најавија детали за првиот случај набрзо на прес-конференција на премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

АХВ: Да се почитуваат препораките-коронавирусот се пренесува и од животните

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упатува апел за максимално почитување на препораките од Светската здравствена организација – СЗО со цел, спречување на појава и ширење на Корона вирусот и во нашата земја.

„Бидејќи станува збор за зооноза, болест која може да се пренесе и преку контакт со животни и производи од животинско потекло, АХВ во координација со Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, ги информира и упати апел до ветеринарните друштва за максимално почитување и информирање и на граѓаните за препораките за заштита од можна појава и пренесување на Корона вирусот и преку животните и храната од животинско потекло“, се вели во соопштението од АХВ.

СЗО апелира да се избегнува незаштитен контакт со домашни или диви животни, храната од животинско потекло темелно термички да се обработи при подготовката, да се користат различни садови и ножеви при подготовка и сечкање на сирова и зготвена храна, рацете да се мијат после секој контакт со различните видови храна ( сирова или зготвена). При работа со животни да се носат заштитни ракавици и маски, а работната облека секојдневно да се менува и да се пере.

Задолжително да се мијат рацете при контакт со животни и храна од животинско потекло, а треба и да се избегнува контакт со болни животни, расипано месо, отпадоци и отпадни материи.

Личната хигиена и миењето на рацете, избегнувањето на контакт со лица кои имаат симптоми на настинка или вирус исто така се дел од примарните препораки на СЗО за спречување на појава и ширење на Kорона вирусот.

Коментари

коментари