Уште еден Македонец заразен со корона

Корона вирусот е потврден кај двајца македонски државјани. Покрај нашинецот, заразен на крузерот во Јапонија, заболен има и во Франција, потврди министерот за здравство. Тој уверува дека состојбата е стабилна и кај двајцата македонски државјани.

“Здравствената состојба на нашиот државјанин, кој се наоѓа во болница во Јапонија е стабилна. И покрај тоа што е позитивен на корона-вирус, неговата клиничка слика е навистина лесна и тој е во добра здравствена состојба, нема некакви посериозни ризици. Во иста стабилна здравствена состојба со слична лесна клиничка слика е и нашиот државјанин во Франција”, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Освен македонецот, кој е хоспитализиран во болница во Јокохама, на бродот има уште двајца наши сонародници, кои остануваат во карантин поради опасноста, бидејќи до сега со вирусот се заразени околу 280 патници и членови на екипажот од тој крузер. Според министерот Филипче функционираат безбедносните мерки.

“Немаме информација дека нови патници кои што треба да дојдат од Кина наскоро ќе влезат во земјата. Одлично функционира превентивниот систем на сите гранични премини, се интервјуираат по потреба патниците кои доаѓаат од поширокиот регион на Вухан, од локален епидемиолог”, вели министерот Филипче.

Европа го запиша првиот смртен случај од корона-вирусот. Се работи за кинески турист кој допатувал во Париз.

Во меѓувреме, Кинеската Национална здравствена комисија соопшти дека втор ден по ред бројот на заразени бележи пад.

Болеста се прошири во околу 25 држави ширум светот. До сега корона вирусот одзеде над 1.500 животи, а инфицирани се околу 66.500 лица.

Коментари

коментари