сабота, 28 ноември, 2020

Вардар го згази Мотор – нема шега со европскиот шампион

Вардар го совлада Мотор Запорожје во 13. коло од ракометната Лига на шампиони со убедливи 38-28 и повторно обезбеди учество во осминафиналето во елитното натпреварување.

И покрај големите проблеми кои ги имаат ракометарите и покрај заминувањето на двајца стандардни првотимци (Даинис Криштопанс и Павел Атман), Вардарци повторно покажаа дека имаат шампионски менталитет кој ниту еден проблем не може да го уништи.

„Црвено-црните“ предводени од неверојатната публика во полупразниот СЦ „Јане Сандански“ во Скопје одлично го отворија натпреварот. Едноставно во нападот играа како по ноти и погодуваа буквално од секоја позиција, на голот беше младиот Кизиќ кој беше нерешлива енигма за Мотор, што резултираше по десет минути игра европскиот шампион да има предност од пет гола разлика (8-3).

Единствена црна дупка во првото полувреме за „Вардарци“ беа вторите десет минути во кои успеаја да постигнат само три гола, а гостите од Запорожје да се приближат на само минус еден (11-10), по кои Стевче Алушовски мораше да го повика првиот тајм-аут на натпреварот.

Тајм-аутот на Алушовски се покажа како полн погодок. Вардар излегоа од кризата и со пет гола по ред на минута до крајот на полувремето успеаја да стигнат до највисоките плус шест 16-10. Во следниот напад Вујовиќ погоди и на пауза се замина со 16-11 за актуелниот европски првак.

На стартот на вториот дел Вардар ја одржуваше предноста од шест гола, а во 39. минута со голот на капитенот Стоилов европскиот шампион за прв пат на мечот стигна и до плус осум (22-14).

„Црвено-црната“ повторно го обои „Јане Сандански“, Кизиќ покажа дека Македонија има голман на кого може да смета во следниот период, а искусните Стоилов, Чупиќ и Горбок го полнеа голот на Мотор што резултираше со највисоки плус девет во 41. минута.

Во истиот период како и во првото полувреме дојде пад во играта на Вардар. Гостите успеаја да врзат три гола по ред и да дојдат на минус шест 24-18, по кои Стевче Алушовски мораше да го побара својот втор тајм-аут на натпреварот. Повторно одлуката на Алушовски се покажа како одлична бидејќи по едно минутната пауза неговите избраници повторно заиграа како европски шампиони и за прв пат стигнаа до двоцифрена предност од 32-22.

Доминацијата продолжи и во последните десет минути од мечот, а со голот на Опелко во 57. минута Вардар дојде и до плус единаесет 36-25. Убавата атмосфера малку ја засени само црвениот картон кој во финишот на мечот го доби Калараш. Сепак, овој момент не успеа да ја спречи големата радост на ракометарите и навивачите на европскиот шампион, кој на крајот стигна до конечен триумф од 38-28.

Извор: ЕКИПА.мк

Коментари

коментари

error: Content is protected !!