сабота, 23 февруари, 2019
Читај » СВЕТ » Преспанскиот договор со 153 гласа ратификуван во грчкиот парламент

Преспанскиот договор со 153 гласа ратификуван во грчкиот парламент

Откако претседателот на Парламентот на Грција Никос Вуцис ги соопшти резултатите од гласањето, следуваше аплауз од оние кои што го поддржаа Договорот од Преспа.

Вкупно 153 пратеници гласаа „за“, 146 „против“, а еден имаше воздржан.  Со ова грчкиот парламент го ратификуваше Договорот од Преспа, со кој завршува 27 годишниот спор помеѓу двете соседни држави. Наместо Поранешна Југословенска Република Македонија, името на државата се менува во Република Северна Македонија. За решението на речиси тридеценискиот спор гласаа 145 пратеници од СИРИЗА, односно цела пратеничка група, седум независни пратеници и еден пратеник од партијата Независни Грци. Слично како во македонското собрание, така и во грчкото, сите 300 пратеници мораа да се изјаснат поединечно.  Пратениците кои беа против и по гласањето го искажаа својот став.

Гласањето требаше да биде синоќа пред полноќ, но поради големиот број на пријавени пратеници за збор, 205 од вкупно 300 колку што брои грчкиот парламент, беше одложено за денеска попладне.

Откако беа соопштени резултатите во името на владата од говорницата се обрати заменик министерот за надворешни работи Јоргос Катругалос.

„Грција има улога на Балканот, Грција има историја на Балканот, а првенствено, иднина, а иднината најдобро ќе ја исполнува Договорот од Преспа“, изјави Јоргос Катругалос – алтернативен Министер за надворешни работи на Грција.

Со ратификацијата во грчкиот парламент, Договорот од Преспа стапува на сила, а престанува да важи времената спогодба од 1995 година. Сега двете страни треба да ги известат сите меѓународни организации дека договорот е изгласан, според кој Грција треба да го ратификува и Протоколот за членство на Македонија во НАТО, за да може Алијансата да ги започне постапките кои се под нејзина надлежност.

Инаку, дебатата во грчкиот парламент траеше три дена. Жешко беше во собраниската сала, а тензично пред законодавниот дом. Протестите кои започнаа на 20 јануари се уште траат. Имаше и нови судири помеѓу демонстрантите и полицијата. Според најновите информации синоќа и денеска приведени се над 100 лица.

Коментари

коментари