Се укинуваат мерките против загадувањето, утре почнува второто полугодие

Мерките против аерозагадувањето, кои траеја два дена, отворија многу дилеми.

Дали и колку двојното поскапување на градските паркинзи и воведувањето на бесплатен автобуски превоз придонесе до расчистување на воздухот во Скопје?

Покрај маката да се оди во болница заради болест, дополнителна нервоза на пациентите и граѓаните им предизвика и повисоката цена на паркингот на Клиничкиот центар.

Тие велат мерки треба да има, но не и во болниците, каде ретко кога може веднаш да завршите работа, па и неколку часа со дупла цена е висока сума. Гневни на оваа одлука, велат дека немаат избор и се принудени да платат.

Скопскиот градоначалник Шилегов вели дека ќе биде разгледана можноста за дел од паркинг зоните да не бидат опфатени со одлуката за поскап паркинг, меѓу кои и Клиничкиот центар.

Вонредните мерки за намалување на загадувањето се стопираат денеска во 18 часот, информираше Шилегов. Според информациите на Градот среднодневните концентрации на ПМ 10 честички во воздухот се под дефинираниот праг за алармирање од 200 милиграми на метар кубен.

Овие мерки и препораки ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот. Од Градот апелираат граѓаните да не ги користат своите возила без потреба и да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали.

Со стопирањето на мерките на Владата, од утре завршува и продолжениот зимски распуст на учениците, кој беше пролонгиран, информираат од Министерството за образование.

Коментари

коментари