Законот за пазарите ставен во мирување

Пратениците постигнаа компромис околу потребата да се измени законот за зелените пазари. Според информации на Телма она што сега се преговара е периодот за кој треба да се донесе новото законско решение кое ќе биде на задоволство на сите, односно дали постоечкиот зaкон ќе биде во мирување 6, 9 или 12 месеци. Откако својот став попладнево ќе го испеглаат и во ДУИ, предлог измените утре ќе бидат доставени до Собранието.

Во меѓувреме пазарџиите се вратија на тезгите за да можат да заработат некој денар. Протестот го ставија во мирување, но подготвени се веднаш да го активираат доколку не се најде слух за нивните барања. Тврдат дека новиот закон и лиценците се на штета на сите, дека нема да го решат проблемот на пазарите ниту ќе го зголемат прометот.

Од Стопанската комора во која функционира групацијата на организаторите на пазарите велат дека е нужно да се најде модел со кој од една страна сите ќе останат на пазарите а од друга, ќе се регулира статусот на закупците на тезги

„Интенцијата на организаторите е да има што повеќе закупци. Тие 10 години работат на дефинирање на статусот на закупците, но не како сега тие да останат надвор од пазарите. Со години не е регулиран статусот на пензионерите, реагираа дека се 45000, се бараше да се намали. Сега има предлог што им одговара. Интенцијата на организаторот е модел сите да останат на пазарите“, кажа Даниела Василевска од Стопанска Комора на Македонија.

Комората на трговци која е надлежна за издавање на лиценци за тезгите за кои ќе се плаќа 60 евра годишно викендов тврдеше дека законот има поддршка од сите пазарџии, но проблемот според претседателот Екрем Долек е притисокот што врз нив го прават Организаторите на Пазарите. По ваквите обвинувања Скопски пазар и други организатори најавија тужби за клевета.

Коментари

коментари