Читај » СЛАЈДЕР » Солскјер изедначи рекорд стар 73 години, Манчестер јунајтед на 6 бода до топ четири

Солскјер изедначи рекорд стар 73 години, Манчестер јунајтед на 6 бода до топ четири

Оле Гунар Солскјер е првиот тренер на Манчестер јунајтед по Сер Мет Базби кој победил на првите четири меча на кормилото на „ѓаволите“ откако вечерва падна и Њукасл.

Играчите на Манчестер јунајтед се препородија по отказот на Жозе Мурињо, заиграа далеку подобро и сврзаа три победи во финишот на декември. „Ѓаволите“ на стартот од новата година само продолжија онаму каде што застанаа во 2018, и вечерва триумфираа на гостувањето кај Њукасл.

Лукаку го отвори резултатот во 64. минута по една несигурна интервенција на Дубравка, а трите бода ги осигура Рашфорд во 80. минута по еден брз против напад.

Па овој триумф го впиша Оле Гунар Солскјер во историјата како првиот тренер на Манчестер јунајтед по Сер Мет Базби кој забележал победа на првите четири лигашки меча на кормилото на „ѓаволите“, постигнуање старо 73 години.

За успехот на „Сент Џејмс Парк“ да биде уште посладок, Челси киксна на домашен терен против Саутемптон и одигра 0-0, па Манчестер јунајтед сега го делат само 6 бода од топ четири.

На останатите денешни натпревари, Борнмут и Ватфорд одиграа луди 45 миниту во кој паднаа дури шест погодоци, за во продолжение од мечот мрежите да мируваат и конечниот резултат да остане 3-3. Барнли издвојува важна победа на гостувањето кај Хадерсфилд, а и Кристал Палас славеше како гостин против Вулверхемптон. Вест Хем и Брајтон одиграа 2-2.

Коментари

коментари