недела, 8 декември, 2019
Читај » МАКЕДОНИЈА » Одлука деновиве: Заев ќе објави уставни измени или погреб на договорот за Северна

Одлука деновиве: Заев ќе објави уставни измени или погреб на договорот за Северна

По пропаднатиот референдум за смена на уставното име на Република Македонија во Северна, оваа недела треба да бидат познати следните чекори во врска со целокупниот процес на имплементација на Договорот од Преспа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени, а власта иако нема двотретинско мнозинство во парламентот нагласува дека ќе стори се што е во нејзина моќ да го обезбеди двотретинското, во спротивно ќе се оди на предвремени избори.

Исходот од обидите да се даде поддршка на уставните измени, најверојатно ќе се знае в среда, кога премирот Зоран Заев, како што рече минатата недела, ќе соопшти дали има мнозинство или политичките субјекти силите ќе мора да ги пресметаат на предвремени избори.

– Веруваме дека ќе имаме некаков резултат до крајот на неделава или почетокот на наредната. Некаде околу 10 октомври е некаков таргет кога треба да и соопштиме на јавноста кои се следните чекори. Се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека е обезбедено потребното двотретинско мнозинство, истакна Заев минатата недела.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера ги објави барањата до власта – предвремени избори со формирање т.н. пржинска влада и јавен обвинител на предлог на опозиција или отфрлање на Договорот и избори, по кои ќе се избере јавен обвинител со консензус на сите партии.

– Има две опции. Првата се избори, кои Заев ги најави и ВМРО-ДПМНЕ ги прифати. За тоа да се случи мора да има техничка влада. Потребно е да се создаде атмосфера на фер услови и да се избере јавен обвинител на предлог на опозиција. Втората опција е Заев веднаш да се откаже од Договорот и веднаш на избори, па народот да одлучи. ВМРО-ДПМНЕ по изборите веднаш ќе поддржи создавање нова институција за гонење на криминал, водена од јавен обвинител постигнат со консензус од сите партии, побара Мицкоски.

Прашан за коментар околу потврдената пресуда од Апелација на екс-премиерот Груевски и наводно тргување со пратенички гласови за негова слобода, Мицкоски рече дека самиот факт што некој мисли дека владата на Заев тргува со правдата, зборува за тоа во каков амбиент и општество живееме.

СДСМ го повторува ставот дека „600 илјади граѓани кажаа дека се за ЕУ и НАТО и тоа мора да биде испочитувано“. А Заев и СДСМ свесно не ги спомнуваат 1,2 милиона граѓани кои го бојкотираа референдумот за Северна и не излегоа на изјаснување на референдумот за смена на името на државата, со прашање завиткано во обландата „европска Македонија“.

– Изборот е јасен или ЕУ и НАТО или изолација. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ треба да каже за што е, нагласува владејачката СДСМ.

Паднаа во вода и обвинувањата на СДСМ дека „ова се обиди да му се обезбеди амнестија на Груевски“.

Поранешниот премиер Никола Груевски, викендов, ги отфрли какви било обиди за негова амнестија. Тој упати предупредување до ВМРО-ДПМНЕ дека не смее да биде уценета, бидејќи, како што пишува, ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија. Груевски недвосмислено порача дека не бара никаква амнестија и со тоа ги изби скриените „кецеви во ракавот на СДСМ“ и „коцкањето со името и идентитетот на државата“.

Според ДУИ, пак, сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку да се прифати Договорот и да се оди напред.

Партијата, која е коалциски партнер на СДСМ во Владата од минатонеделниот состанок на централното претседателство излезе со заклучок дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, туку за изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Преспанскиот договор во Парламентот.

Оценка на ДУИ е дека со евентуални избори ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што, пак, може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ.

Деновиве во тек се разговори и средби меѓу пратениците со цел да се утврди дали постои можност за двотретинско мнозинство. Тоа го потврди и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири, викендов на прес-конфренција.

Тој рече дека се во постојана комуникација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство, а кога ќе има конкретна информација ќе биде соопштена во јавност.

Актуелното собраниско мнозинство смета дека има 72 пратеници, а за поддршка на уставните измени се потребни уште осум, но исто така има резерви и кај преатеници од актуелното мнозинство кои се под знак прашалник дали би го дале својот глас за промена на Уставот и уставното име на Република Македонија. Тој став пред извесно време и јавно го соопшти пратеникот од коалицијата на СДСМ, Ферид Мухиќ.

Коментари

коментари