Мекгрегор конечно се огласи по поразот од Хабиб

По спектаклот во Лас Вегас, Конор Мекгрегор иако беше убедливо поразен, сака реванш против Хабиб Нурмагомедов.

Конор Мекгрегор беше гласен на прес конференциите пред големата борба против Хабиб Нурмагомедов, но во октагонот борецот од Дагестан доминираше и многу лесно го совлада Ирецот.

Иако после денешната борба многумина сметаат дека Конор не му е дораснат противник на Хабиб и треба прво да се врати на борби со послабо рангирани борци, тој во својата прва изјава изрази надеж за реванш.

„Добар нокаут. Едвај го чекам реваншот“, напиша Конор Мекгрегор на својот твитер профил како веќе да има договорена нова борба меѓу нив двајца.

Претседателот на УФЦ, Дена Вајт не спомена ништо за можен реванш меѓу Хабиб и Конор.

Тој не ја исфрли ниту можноста на Хабиб да му биде одземен појасот поради инцидентот кој го направи, а можна е и негова суспензија.

Хабиб на прес конференцијата се извини за скандалозните сцени кои ги предизвика, а тие се и последица на историјата меѓу двајцата борци надвор од рингот, вклучувајќи го и нападот на автобусот на тимот на Нурмагомедов од страна на Конор кој се случи во април.

Хабиб Нурмагомедов сега има ММА рекорд од перфектни 27:0, додека Конор Мекгрегор има 21 победа и четири порази.

Ако Хабиб не добие суспензија и продолжи да се бори во УФЦ, многумина посакуваат негов противник да биде Тони Фергусон кој го победи Ентони Петис во претходната борба во Лас Вегас.

Коментари

коментари