Обраќање на Иванов во ОН: Гласањето на референдум е ваше право, а не обврска

Гласањето на референдумот е право, а не обврска, ваква порака до граѓаните на Македонија упати претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на 73. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, нагласувајќи дека секој граѓани има право сам да одлучи дали да излезе да гласа или да бојкотира.

„Во овие неколку часа пред референдумскиот молк сакам да упатам порака до сограѓаните – гласањето на референдум е ваше право, а не обврска. Никој не може да биде повикуван на одговорност за гласање, односно негласање на референдумот“. изјави Иванов.

Македонскиот претседател во своето обраќање уште еднаш потенцираше дека како граѓанин ја донел својата одлука дека нема да излезе да гласа на 30 септември, бидејќи, според него овој референдум може да донесе состојба на потчитеност на Македонија под друга држава. „Не само што се менува името на државата туку се формира нова држава со ново име. Ќе бидеме држава само по име, а не по суштина, истакна Иванов.

Пред референдумскиот молк, претседателот Иванов упати порака и до сите држави кои ја имаат признато Македонија под уставното име да не ги менуваат нивните одлуки.

„Ги повикувам сите држави кои ја признале Република Македонија под уставно име да не ги менуваат своите одлуки. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување“ – изјави Иванов.

Заменик-министерот за надворешни работи, пак, Андреј Жерновски ја напуштил салата на Обединетите нации за време говорот на претседателот Иванов. Во објавата на својот профил на ФБ, Жерновски пишува:

„Ја напуштив салата на ОН за време на говорот на Иванов, бидејќи не сакаме и нема да дадеме легитимитет на неговиот скандалозен настап, полн со манипулации, омраза и создавање непријатели. Отворениот повик за бојкот на референдумот и грубата злоупотреба на говорницата, е всушност апел за самоизолација, но и крајна неодговорност кон сегашните и идни генерации.“ – изјави Андреј Жерновски-зам.министер за надворешни работи.

Говорот на Иванов во ОН, македонската експертска јавност на социјалните мрежи го оцени како голем срам. Други го оквалификуваат како херој на руската пропаганда, но има и коментари со поддршка.

Коментари

коментари