петок, 29 септември, 2023

„Чистка“ во МВР: Секој кој ја злоупотребил службената положба ќе одговара пред законот

Точно 24 вработени во полицијата добија наредба да одат на вонреден лекарски преглед, а деветмина веќе добија отказ од работното место.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи има започнато голема интерна истрага за нови и застарени поднесоци против припадници на полицијата за кои имало поплаки или пак сознанија дека го прекршиле Законот, дознава Судство.мк.

„Под лупа“ се голем број на припадници на МВР за кои постојат индиции, но и основани сомневања дека во полиција се вработиле на незаконит начин. Но, истрагата не е започната само против брзообразованите полицајци, туку на големо се прелистуваат и предметите за полицајците кои со своето постапување сториле кривично дело и го нарушиле угледот на оваа институција, која скоро една година е предводена од ново раководство и се обидува кај народот да ја врати довербата. На листата на интерната контрола, за само 24 часа, се најдоа двајца припадници на МВР од униформираната полиција бидејќи го прекршиле Законот и тоа свесно.

Полицискиот Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство – Свети Николе поднесе кривична пријава против И.Б. вработен во Секторот за внатрешни работи – Штип поради основано сомнение дека сторил кривично дело фалсификување службена исправа.

На 20 октомври минатата година во полициска станица од страна на граѓанин биле пријавени за физички напад четири лица, и тоа за прекршување на членот 12 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, за што бил изготвен записник за примање на пријава. На местото на настанот биле испратени двајца полициски службеници, кои извршиле разговор со сведоци на настанот, кои го потврдиле физичкиот напад. Изготвените службени материјали му биле предадени на пријавениот И.Б., кој во име на полициските службеници изготвил службени материјали во кои внел невистинити податоци и содржина, односно навел дека лицата вербално се расправале, со што извршил преквалификација на настанот од прекршок во поплака. По наредба на Основното јавно обвинителство – Свети Николе извршено е графолошко вештачење, при што е утврдено дека ракописот е идентичен со ракописот на пријавениот. Тој е суспендиран од работното место до завршување на дициплинската постапка.

Делото на И.Б. е полесно од делото на неговиот колега кој на втори овој месец во паркот „Бановина”, лоциран на улицата Тодор Чангов во скопско Лисиче, учествувал во незаконие. МВР тврди дека Б.С. во полициска станица пријавил дека неговиот малолетен син Б.С. додека бил во парк „Бановина” имал проблеми со малолетник З.С., по што настанала вербална расправија, а потоа и меѓусебна тепачка. З.С. телефонски го повикал неговиот брат Д.С. (27), кој е вработен во МВР. Д.С. го качил Б.С. на фонтаната, која била во близина, а на лице место пристигнал и З.С. (51), татко на Д.С и З.С. и го удрил малолетникот во пределот на стомакот, кој потоа паднал во фонтаната. Тогаш таткото З.С. го фатил за вратот Б.С. и почнал да го гуши, но бил оттргнат од страна на Д.С. Настанот е пријавен во полиција преку 192. Кога пристигнале полициските службеници, на лице место не ги затекнале Д.С. и неговиот татко. Преземени се содветни мерки и активности, известен е дежурен јавен обвинител од ОЈО Скопје, а веднаш е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР. Против Д.С. е започната соодветна постапка и му е одземено службеното оружје. Се работи на целосно расчистување на случајот, по што ќе следат соодветни поднесоци.

МВР за Судство.мк велат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС), е организациона единица во МВР надлежна, меѓу другото, и за контрола на законитото работење на сите вработени во министерството, и во рамки на започнатите севкупни реформски процеси во институцијата, во изминативе година и пол ги интензивираше своите активности и во тој сегмент.

– Во првите полугодие од оваа година, ОВККИПС постапуваше по 689 случаи на посочени пречекорувања на овластувањата и злоупотреби на службената положба и овластување на службени лица во МВР, односно за одредени неправилности во работењето како на полициските службеници така и на останати вработени во министерството, доставени од страна на граѓаните, но и детектирани во интерните контроли на Одделот. За сите постапени 689 предмети во случаите каде се утврдени oдредени неправилности во работењето на припадниците на Министерството за внатрешни работи, согласно Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР, oд страна на ОВККИПС се иницирани задолжителни мерки до овластените предлагачи. За утврдените неправилности, ОВККИПС против 168 службени лица иницираше поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина. За 80 лица е изречена мерка-укажување, за 18 вработени е изречена мерка покренување на постапка за надомест на штета – материјална одговорност. За 20 вработени е изречена мерка одземање на службеното оружје, 24 вработени се упатени на вонреден лекарски преглед, девет вработени се отстранети од работното место. Во случаите каде се утврдени незаконитости во постапувањето на службените лица кои имаа обележје на кривично дело, од страна на ОВККИПС се поднесени четири кривични пријави против четворица вработени во МВР за сторени четири кривични дела, и тоа за кривични дела несовесно работење во службата, фалсификување на службена исправа, малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување. Напоменуваме дека согласно еден од основните приоритети во функционирањето на МВР, односно во секојдневното работење на сите вработени во министерството приципот на – законитост и доследност во почитување на пропишаните правила и процедури во службата – Одделот и во натаму ќе продолжи со ригорозни контроли во сите домени на функционирањето, охрабрувајќи ги граѓаните и вработените во МВР да ги посочуваат сите евентуални неправилности – велат од МВР.

„Пази сине, секакви полицајци шетаат по улица“, беше слоган на еден од познатите транспаренти, а потоа и ѕиден графит во екот на протестите против полициската бруталност, а подоцна ваквиот транспарент провејуваше и при протестите на Шарената револуција кога слободоумниот народ се „бореше“ против режимот. Токму во тоа време, припадниците на Министерството за внатрешни работи, катадневно водени од сега веќе низа обвинети нејзини раководители, употребуваа прекумерна физичка сила врз голорак народ, деца, старци и трудници. Многумина ексминистри за внатрешни работи, безбедносни експерти, странски институции, голем дел од македонската јавност и претставници на странски влади тврдеа дека во македонската полиција се вработуваат неуки лица, а се потиснуваат, деградираат или се отпуштаат професионалците. За жал, овие тврдења подоцна станаа запрепастувачка реалност.

Иако до промената на власта сето ова беше јавна тајна, после самата смената на власта, се дозна дека во МВР, како единствена институција која има задача да го штити Уставот и Законот на Р.М., кога на власт беше сега веќе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, политичко-полициско раководство во своите редови, па и во УБК, примила низа безбедносно неподобни и необразовани кадри.

Според досегашните сознанија се вработувале кадри и со трет степен на средно образование. Па така, во униформираниот и цивилниот состав на МВР, каде голем број имаат статус на ОСЛ, односно Овластено службено лице кое поседува службена полициска легитимација и оружје, има касапи, автолимари, осудени крадци и дилери, неколку пати апсени танчерки, лица со „дебело“ полициско досие, а имало и такви кои не само што минувале, туку имале и лична фасцикла во УБК како државни непријатели поради соработка со странска служба. Со еден збор кажано- безбедносна катастрофа. Дел од нив, со текот на годините напредувале па дури и добиле раководни позиции.

Исто така јавноста дозна дека дел од претпоследните одбиени кадети кои беа на обука во ЦОКОБ „Елисие Поповски Марко“ не ги исполнувале првичните безбедносни проверки за да бидат примени (имале полициски досиеја) и после завршување на курсот, од пред две години, до денес, тие не се примени во МВР.

Неодамна МВР соопшти дека 11 полицајци добиле отказ поради „крвавиот четврток“ и насилството во Собранието. Од полицијата известија дека во тек се и други постапки за собраниското насилство.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна рече дека реформите во МВР не се само за да се донесат нови закони или измени, туку овие законски решенија да добијат практична примена.

– Кога го почнав мојот трет мандат како министер за внатрешни работи, ама прв со целосни надлежности, се определивме за неколку клучни реформи: реформа на системот на следење на комуникациите, реформа на контролата на полицијата и внатрешни реформи и оспособување на капацитетите и опременоста на полицијата. Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за периодот од јуни 2017 до 15 април 2018 година, поднесени се 31 кривични пријави против 33 сторители за вкупно 36 кривични дела. Тие се пријавени за злоупотреба на службена положба и овластување, употреба на исправа со невистинита содржина, несовесно работење во службата, изнуда, уништување или прикривање на необработен архивски материјал, лажно пријавување кривично дело, насилство и фалсификување исправа, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, телесна повреда,примање поткуп и помагање во врска со измама. Ова се податоци само за поднесени пријави за кривични дела, а Одделот во периодот од 1 јули 2017 до 1 април 2018 иницирал поведување на дициплинска постапка против 291 вработен – рече Спасовски.

Спеак вреди да се напомеде дека случаите на употреба на средствата за присилба од страна на полицијата бележат тренд на зголемување.Во текот на 2017 година во 643 случаи полициските службеници употребиле средства за присилба, за разлика од лани -557 случаи. Најголем дел се при вршење на кривични дела и при воспоставување на нарушен јавен ред и мир.

Покрај ова, во два случаи е употребено огнено оружје при преземање на активности за спречување и откривање на кривични дела по ОА „Гора“ и „тешка кражба“ на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Велес и Струмица. По извршеното оценување на преземените мерки во сите случаи употребата на средствата за присилба е оправдана. Инаку, во 499 случаи полициските службеници употребиле средства за врзување, потоа физичка сила – 132 и гумена палка – 10 случаи.

При употребата на средствата за присилба повредени се 13 лица, од кои при употребата на огнено оружје на две лица им се нанесени тешки телесни повреди, додека на останатите лица им се нанесени лесни телесни повреди (при употреба на гумена палка две лица се поврдени- на едно лице му се нанесени тешки повреди, на другото лесни), додека девет лица се повредени при употреба на средства за врзување.

Извор: Судство.мк

Коментари

коментари