Се уште гори велешката депонија, градот се дави во чад

Облаци од чад го прекрија Велес. Велешани синоќа дишеа загаден воздух. Ветерот кој вчера попладне го смени правецот, го донесе чадот од пожарот во градската депонија, право во градот. Најкритично беше во Речани.

Жители од оваа населба на социјалните мрежи се жалеа дека едвај дишат. Вчераутро се запали градската депонија, која гореше речиси цел ден. Надлежните предупредуваат дека вакво загадување може да биде многу опасно по здравјето на луѓето.

„Најзагаден воздух е кога има пожар на депонија, кога гори отпад во воздухот се ослободуваат најтоксичните материи кои имаат и канцерогени својства и затоа се трудиме ги концентрираме сите средства да го локализираме пожарот“, изјави Билјана Шуркова Манаскова, овластен инспектор за животна средина во Општина Велес.

Надлежните се сомневаат дека депонискиот гас е најверојатна причина за пожарот, но, не ја исклучуваат можноста, човечки фактор да го предизвикал.

„Во велешката депонија постојат неформални собирачи на отпад кои постојано влегуваат и излегуваат, но може да настане и од човечки фактор ваква последица“, вели Шуркова Манаскова.

Велешката депонија не е стандардна депонија и гори речиси секое лето. Локалните власти подолго време апелираат да се најдат пари и да се изгради регионалната депонија кај селото Росоман. Засега, за неа има само техничка документација. За да се изгради, треба да се обезбедат дваесет милиони евра, пари кои потоа можат да се вратат преку преработката на отпадот.

Извор: 24ТВ

Коментари

коментари