Три часа чекање за влез од Грција во Македонија

Илјадници возила попладнево со часови чекаа за влез во Македонија на грчко-македонската граница кај преминит Евони- Богородица.

Возила со македонски регистарски таблички, но и од Србија, Романија па и од Грција, во неколку колони поминуваа по скоро три часа бавно приближувајќи се до шалтерите за проверка на патните документи.

“Дури околу 20 часот грчките погранични служби отворија уште два шалтери за побрз проток. До тогаш работеа само два шалтера, па поминувањето на границата одеше многу бавно. Ние чекавме три часа. Но во другите колони можеби трае и подолго” – изјави за ТВ 21 патничка од Македонија, која со семејството се враќаше од еднонеделен одмор во Грција.

Македонските погранични служби на патниците им објаснувале и дека нивните грчки колеги, во согласност со безбедносните мерки на ЕУ, во последно време вршат подетална проверка на патните документи, поради што протокот на патници е забавен.

Илјадници туристи од Македонија вечерва се враќаат од Грција завршувајќи ја “јунската тура” летни одмори кога се смета дека цените за сместување се нешто пониски отколку во јули и август.

Некои од патниците, известени порано за застојот на Евзони-Богородица, свртуваа кон преминот Дојрани-Дојран каде што имаше помалку возила и границата се минуваше доста побрзо.

АМСМ во текот на целиот ден известува за застојот на јужната граница.

Коментари

коментари