Ако сакаме во ЕУ, мора да се избориме со корупцијата

Антикорупциската комисија е обезглавена и не функционира, а Македонија е без клучно тело кое треба да лови евентуална корупција и од кое се очекува да помогне за да се испорача еден од главните услови на ЕУ до јуни 2019 година.
Работна група во Министерството за правда работи на измени на законите за да ги отстрани сите бариери што би можеле да ги искористат како изговор идните членови на Антикорупциската комисија.

Ваква е накратко моменталната ситуација со борбата со корупцијата во Македонија. Проекциите се дека некаде до крајот на летото треба да завршат измените на законите и потоа да бидат избрани новите членови на Антикорупциската комисија.

„Немаме друга опција, равенката е јасна, ако сакаме да се придвижиме кон Европа мора да се избориме со корупцијата. Сѐ друго е демагогија, тие се поентите – корупцијата, судството и администрацијата“, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски, кој учествува во работната група за измени на Законот за корупција, кои ги најави министерката Рената Дескоска.

Идејата на работната група е да се спојат двата закона, Законот за спречување на корупцијата и Законот за судир на интереси. Моментално, како што вели Малиновски, се претресуваат сите одредби кои досега претставувале проблем во функционирањето. Тој порачува дека може да се направи совршен закон, но членовите треба да имаат волја да ја контролираат работата на јавните функционери.

„Вие може да направите совршен закон, но ако комисијата не сака да работи, од тоа ништо нема да биде. Значи, поентата е да се направи закон според кој, доколку комисијата има желба да работи, да не се судира со непотребни бариери“, вели Малиновски.

Работното тело планира да се намали бројот на членови на Антикорупциската комисија и при изборот на членови да има јавно сослушување на можните кандидати пред медиумите и невладините организации.

Коментари

коментари