среда, 22 септември, 2021

По девет години пауза: Работнички е кошаркарски шампион на Македонија

Сушниот шампионски период во „Градски парк“ заврши, Работнички по пауза од девет години повторно е првак на Македонија, откако вечерва, по голема борба и пресврт дури во последниот период, трет пат по ред го совлада МЗТ Скопје (87-84) во финалната серија која никој не очекуваше дека ќе заврши со минимален број средби.

За центарци ова е 15-та титула со која воедно ставија крај на доминацијата на вечниот ривал, кој во последните шест години неприкосновено владееше со макбаскетот. Клучна за победата вредна трофеј беше серијата 7-0 на стартот од последниот период, со која домаќинот првпат на мечот дојде до водство (64-63).

Тоа како да внесе паника во редовите на аеродромци, пред сѐ поради пропуштената позитива, што црвено-белите максимално го искористија. Ѓорѓи Чековски со тројка зголеми и на 71-66 за ерупција од одушевување кај домашните навивачи. Потоа се играше скоро кош за кош, без турбиленции со постојана иницијатива на Работнички. Сино-белите дојдоа на минус еден во последните 20 секунди, но центарци се снајдоа подобро во пенал-завршницата.

МЗТ Скопје веќе пропушти големи шанси за триумф на претходните две финални средби, а истото го направи и вечерва бидејќи цели 32 минути ја имаше иницијативата и водството. „Металците“ почнаа фуриозно, со 15-2 и најавија дека се дојдени да го вратат брејкот во „Градски парк“. Центарци вратија со десет поени во низа, но тоа не ги поколеба гостите, кои продолжија да го диктираат темпото за највисоки плус 14 (36-22), а за позитива од осум поени на крајот од полувремето (48-40).

Избраниците на тренерот Марин Докузовски камбекот го најавија во третата четвртина, во која намалија на минус еден (49-50), а потоа во последниот квартал целосно го свртија мечот за конечни 3-0 во големото финале и ноќ исполнета со славје на сите на кои при срце им е црвено-белата боја на овој клуб.

Аеродромци скапи ги чинат големиот број загубени топки (вкупно 20), но и фактот што му дозволија на противникот да им украде дури 15 топки. На МЗТ Скопје не им помогна ниту тоталната доминација во играта под кошевите (44-31) како и фактот што нивниот противник промаши дури 13 слободни фрлања (24/37).

Чавдар Костов со 18 и Димитар Караџовски со 17 поени беа најефикасни кај Работнички, додека Маркус Гинјард и Расел Робинсон реализира по 12 поени. Андрија Бојиќ со 17 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски реализира 16, а Јуре Лалиќ 15 поени.

Со ова е ставен крај на сезоната, која новиот шампион ја заврши само со два порази и неверојатни 20-0 на домашен терен.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!