понеделник, 15 август, 2022

Четири начини да бидете одморени и продуктивни и покрај летното сметање на време

Овој викенд ќе изгубиме еден час спиење. Промената најмногу ќе ја забележиме во понеделник, откако ќе се разбудиме за работа. Оваа промена за некои луѓе е сериозен стрес.

Според студија на американскиот национален Институт за здравје, првиот понеделник откако настапува летното сметање на времето, се зголемува процентот на сообраќајни незгоди, а во текот на понеделникот и вторникот, после оваа промена, ризиците за срцев удар исто така се зголемуваат за 10%. Освен физичките ефекти, губењето на сон резултира со намалена продуктивност.

Адаптирањето на летното сметање на времето не мора да е тешко доколку осмислите добра тактика. За почеток, обидете се да ги примените следниве четири навики за да ги намалите ефектите кои летното сметање на времето ќе ги има на вашето тело.

1. Одржете го истиот распоред за спиење

Доколку во нормални услови се будите секое утро во 7 часот, обидете се да се разбудите исто така во 7 наутро во недела, а во текот на денот не дремнувајте. Во недела веќе губите еден час спиење, а доколку успеете да останете будни цел ден, тогаш вечерта ќе успеете да заспиете подобро и да се разбудите добро одморени во понеделник наутро за работа.

2. Изложете се на сончева утринска светлина

Изложувањето на природна светлина наутро е задолжително за поголема продуктивност. Оваа светлина ќе му даде сигнал на вашиот мозок и тело дека завршил циклусот за спиење и организмот ќе почне да излачува кортизол што ќе ви го зголеми фокусот во текот на денот.

3. Направете неколку вежби рано наутро

Вежбањето рано наутро носи предности во однос на продуктивноста, когнитивните вештини и расположението и ви внесува дисциплина во животот што подоцна се одразува позитивно на другите сегменти во вашето секојдневие.

Една студија спроведена на Appalachian State University, споредила групи на луѓе кои правеле одредени вежби во различен период од денот. Едната група вежбала во 7 часот наутро, втората во 1 часот попладне и третата во 7 часот навечер. Луѓето од групата која вежбала рано наутро покажале дека имаат најквалитетен сон.

Доколку не можете да вежбате рано наутро, не е страшно, но обидете се барем да вежбате два или три часа пред спиење.

4. Држете се до вечерната рутина

Вечерните навики го подготвуваат вашето тело, мозок и емоции за попродуктивно утре додека постепено ви го успорува метаболизмот и го подготвува организмот за спиење. Вечерната рутина може да ви почнува 90 минути пред спиење и може да почнува со туширање. Потоа мора да ја намалите количината на сина светлина на која сте изложени (светлина емитирана од електронски уреди), да се напиете чај за опуштање, да читате книга или да слушате музика.

Иако времето се менува, ова не значи дека мора да се разбудите во понеделник наутро неодморени и нефокусирани. Имплементирајте ги овие четири чекори и не само што ќе бидете продуктивни во понеделник после воведувањето на летно сметање на време, туку и ќе изградите рутина која ќе ви овозможи да ја задржите продуктивноста и фокусот секој работен ден.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!