Коѕијас доаѓа во Скопје, за прв пат со авион

Од Министерството за надворешни работи засега не коментираат дали го добиле текстот со грчките предлози и агенда за идната соработка меѓу двете земји за решавање на спорот за името, откако тоа го изјави грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас, пренесува Слободна Европа.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, заедно со делагација од неговата земја, во четврток и петок ќе оствари официјална посета на Република Македонија, потврдуваат од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).

„Грчката делегација предводена од министерот за надворешни работи Коѕијас, во четврток ќе пристигне на Меѓународниот аеродром Скопје“, велат од македонското МНР.

Исто така оттаму наведуваат дека министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на 30 март ќе се сретнат во Виена, заедно со посредникот во спорот за името на Обединетите Нации, Метју Нимиц.

Грчките медиуми ја пренесоа изјава на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, во која вели дека до Скопје е испратен текст што ги содржи грчките предлози и агенда за идна соработка. Од МНР велат дека во текот на денот ќе одговорат дали го добиле текстот.

Коѕијас, по советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел, одговарајќи на прашањето дали при посетата на Скопје ќе ја однесе и грчката нацрт спогодба, рече дека предлозите од Атина се веќе испратени.

„Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идната агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје“, рече шефот на грчката дипломатија во изјава за државната телевизија ЕРТ.

Коментирајќи ја најавената посета на Коѕијас, македонскиот премиер Зоран Заев вчера изјави дека е оптимист за решение доколку се води сметка за достоинството и идентитетот.

„Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но да се направи исчекор како би се приближувале заради тоа што деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да биде решен овој проблем“, рече Заев.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!