четврток, 18 април, 2019
Читај » МАКЕДОНИЈА » Осомничениот советник во МВР оддал службена тајна, Спасовски соопшти дека кон никого нема толеранција

Осомничениот советник во МВР оддал службена тајна, Спасовски соопшти дека кон никого нема толеранција

Осомничениот советникот на министерот Оливер Спасовски прибавил строго доверлива службена тајна и ја споделил со лице против кое се води истрага, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

Oсомничениот во февруари се сретнал со познаничка во болница за да и каде дека полицијата ги следи сите нејзини телефонски броеви. Ја предупредил да биде внимателна и да престане да го прави тоа што го прави, бидејќи може да се засилат мерките против неа и да ја следи агент.

Свесен дека загрозува истражна постапка, од познаничката побарал да не споменува дека информациите ги добила од него. Министерот Оливер Спасовски денеска изјави дека против советникот е поднесена и кривична пријава за злоупотреба на службената положба.

„Очекувам многу скоро, во законски утврдена постапка, сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се кривични дела. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за какви било потврдени незаконски активности ќе има нула толеранција. Тоа треба да му е јасно на секого“, вели Спасовски.

Осомничениот советник вчера бил уапсен по налог на Основното јавно обвинителство и ноќта ја поминал во полициска станица во Кисела Вода. Од Обвинителство велат дека му се изречени мерки на претпазливост.

Основно јавно обвинителство:

„Надлежен јавен обвинител поднесе предлог за определување на мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште, задолжително јавување пред надлежен орган, привремено одземање на патна исправа и забрана за работни активности што се поврзани со кривичното дело. Судот го прифати предлогот на Обвинителството.“

Инаку осомничениот Д.С. е долгогодишен вработен во МВР. По доаѓањето на Спасовски на функција станал државен советник за криминалистички и полициски работи во кабинетот на министерот.

Коментари

коментари