Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денес одржа прес-конференција по повод 100 денови од неговиот мандат како татко на градот.
„Овие 100 дена работевме посветено, одговорно и чесно, следејќи ги потребите и интересите на граѓаните на Скопје. Го отворивме Градот за сите. Веднаш по преземањето на градската власт воведовме двосменско работење на службите што непосредно работат со граѓаните. Бараката 16, сега работи од 7:30 наутро до 19:30 навечер. Граѓаните сега можат побрзо и полесно да ги завршат своите работи поврзани со прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци на Град Скопје. Исто така, имплементиравме нов софтвер што овозможува даночните обврзници да добијат навремени информации за статусот или промената на нивниот предмет поднесен до Град Скопје, или даночна обврска по пат на СМС или е-маил“, истакна градоначалникот Шилегов.
Шилегов откри и дека во првите 100 денови, биле стопирани 95 изградби на фасади кои требаше да добијат барокен лик и со пренамена на средствата кои биле предвидени за Скопје 2014, е започнато со интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта.
Шилегов се осврна и на преостанатите проекти коишто беа реализирани во првите сто дена од областа на спортот, културата, образованието, меѓународната соработка, социјалната заштита и хуманиот третман на уличните кучиња.